Во периодот од 10.2.2020 до 14.2.2020 година во ООУ „Св.Кирил и Методиј“ Велес беше одбележана Неделата на информатиката прику реализација на едукативни работилници. Во нив учествуваа ученици од второ до седмо одделение, а истите ги подготвија и реализираа наставникот по информатика Родне Петрушева и психологот Соња Ристовска.
Учениците од второ одделение учествуваа во работилницата „Кодирање со помош на картони за јајца“ каде што креираа алгоритам за дадена фигура која треба да дојде до одредена позиција каде што има поставено бонбонче. Алгоритамот го креираа со помош на предходно испечатени картички со насоки на движење.
Учениците од трето одделение земаа учество во работилницата „Кодирај го своето име“ и ги искодираа своите имиња во бинарен систем, а истовремено научија и како компјутерите ги претставуваат податоците со низи од 0 и 1.
Учениците од петто одделение проследија презентација на тема „Безбедност на интернет“, а како вовед беше прочитан текст со наслов „Случајот на Џулиен Флори“. Преку содржината на презентацијата учениците се запознаа со поимите сајбернасилство и лични податоци, кои се форми на сајбернасилство, каква е разликата помеѓу врсничкото насилство и сајбернасилството. Кои се карактеристиките на сајбернасилникот и жртвите на сајбернасилство и како да се справат и да го спречат сајбернасилството. После дискусијата со учениците следуваше активноста „Барометар на чувства“ преку која дојдоа до сознанија дека луѓето можат да имаат различни чувства за исто сценарио, дека реагираат различно и дека треба да се почитуваат чувствата на другите и да бидеме толерантни кон останатите кои не размислуваат како нас.
Со учениците од шесто одделение се реализираше работилница во која прво ја проследија презентацијата на тема „Безбедност на интернет“, а потоа преку интерактивна дискусија учениците проверија дали се добри „онлајн“ пријатели. Се разгледаа десет случаи во кои беа дадени ситуации, а учениците требаше да изберат еден одговор како соодветен за разрешување на дадената ситуација.
Учениците од седмо одделение преку работилница на тема „Безбедно на интернет“ научија како треба да се однесуваат на интернет и како безбедно да ги користистат социјалните мрежи. На крајот своите знаења ги проверија преку Kahoot квиз.
Сите активности беа реализирани со големо задоволство од страна на учениците.